Излез од засолниште- опасност за граѓаните

Неoбезбедена дупка длабока петнаесетина метри која претставува опасност за граѓаните, а особено за децата, се наоѓа во непосредна близина на Сума. Доброупатените велат дека станува збор за излез од скривница бидејќи во бетонската дупка има и метална скала по која граѓаните би требало да излезат од засолништето. Без разлика за што конкретно се работи, факт е дека незаштитената дупка може да предизвика фатални последици по здравјето и животот на децата од соседните станбени објекти кои се играат покрај неа, а многу често од љубопитност ѕиркаат во дупката или пак се симнуваат по скалите надолу. Станарите од околните згради не знаат во чија надлежност е одржувањето на излезот од скривницата, но се едногласни дека под итно треба да се заштити со поставување на капак или решетки на дупката.

-Скривница е, зградата има заедничка скривница со единаесеткатницата, а оваа е веројатно на Центарот за култура. Тие веројатно имаат имаат некоја служба како и ние што од април наваму имаме управител, а со тоа и помалку проблеми со зградата. За децата е најопасно и затоа треба некој да се погрижи за нејзино одржување, веројатно раководителот на ресорот под чија надлежност е бидејќи државата не може се да контролира. Не сум запознаен за тоа, но подобро да не се случи. Секој проблем може да се реши, ако е украден или оштетен капакот треба да се смени и тоа некој да го контролира, дали граѓаните или некоја установа, изјави Владимир Филиповски, станар во зграда Сума

Центарот за култура нема засолниште поради што не може да биде надлежен за одржување на излезот посочија надлежните во врска со ова. Обидувајќи се да дознаеме кој треба да преземе мерки за решавање на проблемот стапивме во контакт со повеќе институции, приватни фирми, станари, но сите се оградуваат од одговорност. Од Центарот за управување со кризи велат дека државата располага само со две јавни скривници во Куманово, а за останатите не е одговорна. И додека се префрла одговорноста од едни на други, на граѓаните а особено на децата им останува да внимаваат кога поминуваат покрај дупката.

 

 

Коментари

коментар(и)