Премиера на монодрамата „Прво лице еднина“

Во кумановскиот театар утревечер премиерно ќе биде изведена монодрамата „Прво лице еднина“ од режисерката Драгана Гунин во изведба на актерката Владанка Димковска. Текстот е на Димковска, работен по мотивите на „Добра ноќ за бунтовни девојчиња„ од Елена Фавили и Франческа Кавало.

-Станува збор за интимен процес, случување на самата актерка. Многу е лична претставата зборува за тоа како таа поминува низ својата моментална позиција, дека е актер, како се соочува, живееме во земја која нуди специфични услови за самите уметници и поминува низ едно патување, каде игра повеќе ликови. Се става на место на повеќе женски ликови и ги обработува и на крајот доаѓа до моментот дека пак сака да си ја работи својата професија затоа што го надминува конфликтот, дали да бидам уметник овде, дали да се занимавам со актерство, или да го оставам на страна и всушност на крајот победува желбата да се занимава со тоа што го сака навистина и тоа што го има студирано-истакна режисерката Драгана Гунин.

Актерката Димковска посочи дека првпат игра во монодрама која на гледачите ќе им испрати порака дека никој, никогаш, не треба да се откаже од своите соништа.

-Секој од нас поминува низ најразлични периоди во животот, некој со нив се соочува, некој не. Јас одбрав да го зграпчам тоа и да направам претстава од тоа, зашто на крајот на денот, само борбата ни останува, за да направиме нешто подобро, квалитетно и нешто што ќе остане. Да зборуваме, да разбудиме емоции кај публиката, тоа ми е многу важно како актер, мислам дека само пред таков вид на катарза може да се пренесе мојата порака која ја слушаме секој ден „не се откажувај“, но тоа е многу тешко. Живееме во време на инфлуенсери, во време какви треба да бидеме, изгледаме, и мислам дека треба да се скршат тие бариери и дека секој треба да биде она што е. Тоа ми е пораката дека сакам да бидам она што сум и треба да сме горди на тоа што сме-вели таа.

Проектот е финансиран од Министерство за Култура во копродукција со Театар Куманово. Претставата започнува во 20 часот.

Коментари

коментар(и)