Поплавена малата црква Св.Петка во Бедиње

Поројните дождови кои изминативе денови го зафатија Куманово, предизвикаа излевање на реката Липковка, која ја поплави малата црква Света Петка во село Бедиње.  Освен дворот целосно е  поплавен и  внатрешниот дел на ова свето место.  Ктиторот, шеесет и седумгодишниот Ацо Величковски кој 12 години ја одржува оваа црква, истакна дека и минатата година врнежите предизвикале поплава, но тогаш водата не била во толкав интензитет.

-Водата по моја проценка некаде 80 сантиметри можеби и повеќе да има. Толку силна вода беше, дури и  кај соседите во штала има удавено неколку свињи. Во црква има исто преку 80 сантиметри вода, иконите се уништени, столови, маси се е упропастено-наведе тој.

Величковски додава дека силната вода го прелила и мостот, кој што делумно е уништен. Тој се надева дека Општината ќе го реновира мостот и дека и во иднина преку него ќе можат да поминуваат автомобили, бидејќи тврди дека во црквата доаѓаат болни лица кои не можат да пешачат. Инаку за поплавата ги информирал и надлежните, па деновите треба да поднесе пријава за проценка на штета.

-Има свети води на Света Петка, Богородица и Света Недела, загадени се сега моментално не можеме на никој да му помогнеме не смеам да давам од тие води, затоа што ќе затруеме некого. Сега ќе мора да дојде и пожарна да ги исцрпеме водите, исчистиме, дезинфекција да се изврши и дури тогаш да им давам на луѓето-нагласи тој.

Црквата Света Петка во село Бедиње постои повеќе од 50 години.

 

Коментари

коментар(и)