Граѓаните имаат право да дискутираат за политиката и да бидат консултирани, затоа што таа е нивното секојдневие, истакнаа активистите на граѓанската иницијатива Заслужуваме подобро. Тие сметаат дека граѓаните без оглед дали ја подржуваат власта или не, треба да бидат прашани и сослушани.
-Веруваме во разумноста на нашите граѓани и тргнувајќи од нашето право и заслужување на подобро бараме итна промена на начинот со кој се управува во државата во насока на обезбедување на подобра живеачка и подобри услови за живот во нашите градови и села. Со нашите активности ќе ја исполниме онаа празнина којашто се создаде помеѓу политичарите и договорите од Пржино од една страна и секојдневните потреби и проблеми на граѓаните од друга страна-наведе Сања Богатиновска.
Тие бараат целосна разрешница со случувањата од 9-ти мај во Куманово, но и повеќе работни места, а не повисоки банкарски кредити, библиотеки а не обложувалници.
-Ние бираме и ние сметаме дека заслужуваме подобро бидејќи самите избираме. Заслужуваме подобро здравство, што ќе не лекува, а не заразува и ќе умираме по нашите болници, заслужуваме подобро образование, повеќе училишта, градинки, со поголем квалитетно образование, а не експеримент, подобра живеачка, а не немање социјална правда и заглавување во економска криза-нагласи Љуми Бекири.
Заслужуваме подобро е граѓанска акција преку која активистите им даваат можност на граѓаните да зборуваат за своите секојдневни проблеми и за потребите за подобар живот. Инаку во акцијата се вклучени повеќе од 30 организации од државата.