Општинската организација на СДСМ Куманово започна со собирање на потписи за поддршка на Зоран Заев откако во неделата по сумирањето на изборните резултати тој поднесе оставка од функциите претседател на СДСМ и премиер на Македонија. Претседателот на општинската организација на СДСМ, Мартин Костовски вели дека се покренува иницијатива за Заев да остане на претседателската функција во партијата, но и претседател на Владата. Очекува поддршка и од останатите општински организации на социјалдемократите во државата.
-Храброста што одекна пред неполни два дена со изјавата на Зоран Заев за оставка од двете позиции како премиер на РСМ и како претседател на СДСМ одекна многу погласно, многу похрабро од победата на ВМРО-ДПМНЕ и целосната опозиција. Јас не знам дали ќе успеам со ова да го преубедиме нашиот лидер на партијата да повлече чекор наназад, меѓутоа ова е моја должност како член на СДСМ, должност на сите мои сопартијци во Куманово и ширум Македонија и со ова сакаме да му порачаме на претседателот Заев дека максимално застануваме позади него, рече Мартин Костовски, претседател на ОО СДСМ Куманово
Костовски посочува дека Заев во изминатите пет години направил многу, како за партијата така и за државата, и е најмалку виновен за критиките што се упатуваат на негова адреса.
-Ние сме 30-та земја членка на НАТО, граѓаните имаат повисоки плати, подобар животен стандард итн. Тоа впрочем граѓаните најдобро го знаат. Сите оние условно кажано киксови, сите оние критики што беа упатени и на самиот ден на изборите од страна на граѓаните според мене лично и според најголем дел од моите сопартијци, социјалдемократи ширум државата најмалку за сето тоа е виновен Зоран Заев. Анализите, перцепциите, сумирањето на сите оние резултати, каде сме погрешиле, каде сме подобриле, останува во наредниот период да бидат тема на партиските тела и органи. Со оваа денешна иницијатива очекувам голема поддршка од страна на сите социјалдемократи, не само во општинската организација во Куманово како најголема општинска организација со близу 5.264 членови, туку напротив поддршка од сите општински организации ширум во државата. Јас вчера разговарав со голем дел од моите колеги, мои партиски другари кои што се претседатели на општински организации и сите едногласно ја прифаќаат оваа иницијатива несомнена, недвосмислена, поддршка за Зоран Заев и ќе собираме потписи во сите општински организации во Македонија. Очекувам, го замолувам и лично претседателот Заев повторно да размисли како понатаму со партијата. Мислам дека апелот дека треба да остане ќе одекне силно ширум државата, тоа го кажуваат сите коалициони партнери, тоа го кажуваат и сите релевантни институции односно евроатлантските институции и се надевам дека ќе опстоиме на тоа Зоран Заев да остане претседател како на партијата, така и претседател на Владата, рече Костовски.
Потписи за поддршка на Зорав Заев ќе се собираат секој ден во просториите на ОО СДСМ-Куманово од 11 до 20 часот.
