ВИДЕО: Благодарници на повеќекратните крводарители од ОО Црвен крст Куманово

По повод 14-ти јуни, Светскиот ден на крводарителството, општинската организација на Црвен крст Куманово организираше настан на кој им додели благодарници и признанија на повеќекратните крводарители.

Благодарници добија граѓаните кои дарувале крв за 2019, 2020 и 2021 година.

-Приликата сакам да ја искористам и да им упатам голема благодарност до сите крводарители кои ги посетуваат нашите акции, и кои спасуваат човечки животи. Крвта не спојува сите нас и сите треба да бидеме хумани. Особено сакам да ја истакнам важноста на кроводарувањето во пандемијата со Ковид 19, кога единствен начин за постојано обезбедување на крв и крвни продукти се токму крводарителските акции и хуманоста на крводарителите-истакна Ива Младеновска, в.д секретар ОО Црвен крст Куманово.

Крводарителите препорачуваат младите да го следат нивниот пример.

-Имам 120 пати дарувано крв, задоволен сум од целосната организација со Црвениот крст, дарувањето. Давав пред многу години во Скопје, кога имаше еден авион паднат, во Крушево за тешка сообраќајна незгода. Препорачувам младите да даруваат бидејќи е и многу здраво-нагласува Спиро Милошевски, редовен крводарител од село Драгоманце.

Од Црвен крст Куманово благодарност изразија и до мотиваторите и организаторите на крводарителските акции, кои не запреа со работа и во време на пандемија, согласно здравствените протоколи, па ниту во еден момент не се дозволи да им недостаток на крв.

Коментари

коментар(и)