„Ние не сме против плаќање данок и не бегаме од законите, но сме против ретроактивна, селективна и неправична примена на закој кој оди на штета на многу семејства“, порачаа кумановци кои што работеле во ризични подрачја во Ирак и Авганистан од денешниот, втор мирен протест што се одржа пред зградата на Управата за јавни приходи. Незадоволни од одлуката за ретроактивно оданочување на приходи остварени од странство од 2020 -та до 2025 година, граѓаните денеска ја блокираа крстосницата на улиците „Моша Пијаде“, „Иво Лола Рибар“ и плоштадот „Маршал Тито“ и повторно јавно ги упатија барањата до институциите.
„Доколку институциите и понатаму молчат, ние ќе продолжиме со поголеми протести и во другите градови“, порачаа засегнатите кумановци.
Најавија и поднесување петиции и дописи до Народниот правобранител, како и до меѓународни амбасади, со цел проблемот да добие институционална и меѓународна видливост.