Екипите на ТППЕ Куманово во изминатото деноноќие регистрираат неколку пожари. Во Општина Куманово пожарникарите гаснеле сува трева и ниска вегетација во селата Кучкарево и Градиште, сува трева во Режановце и Умин Дол, на улицата „Божидар Мицковиќ“ гаснеле опожарена куќа, а на булеварот „Октомвриска револуција“ – контејнер, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
На подрачјето на општина Липково, вчера била опожарена поголема површина кон селата Виштица и Матејче. Во гаснењето на пожарот биле вклучени и авиони – ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување, вработени во подружницата на ЈП „Национални шуми“ и месното население. Сува трева и шума горела и во селото Никуштак.
Пожарникарите од Старо Нагоричане вчеравечер интервенирале во селото Никуљане на опожарена сува трева, стрниште, ниска вегетација и лозни насади.
Во однос на пожарите, градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека најголемиот број од интервенциите на пожарникарите од Куманово деновиве се на подрачјето на соседните општини. Апелираше за внимателно и одговорно однесување на граѓаните на отворен простор.