Д-р Симеон Гелевски, професор во пензија е избран за претседател на новоформираниот Граѓански форум на Куманово кој беше промовиран вчеравечер во големата сала на зградата на поранешните општествено – политички организации. Мото на здружението е „Од граѓаните за граѓаните“. Според д-р Гелевски целта на граѓанскиот форум е да се обезбеди политичка партиципација на граѓаните во процесот на одлучувањето. Оваа институција, вели претседателот, нема да се меша во политиката, но ќе им помага на локалната самоуправа и на државата преку подрачните единици кои што функионираат во Куманово.
Иницијативата за формирање на Здружението потекнува од истакнати личности, кои во текот на својот работен век дале придонес во општественото живеење и се подготвени да креираат нови идеи и проекти во интерес на граѓаните, спој на повеќе генерации и личности од разни професии.
Потпретседатели на Граѓанскиот форум се д-р Зафер Сулејмани и Мартин Димковски, дипломиран ликовен уметник, за секретар е избран Марјан Стошевски. Управниот одбор на здружението е во состав од Душко Ивановски- поранешен кошаркар, Иван Бабановски- професор на Факултетот за безбедност и општествена самозаштита, д-р Славчо Алексиевски, Марика Дајлевиќ- поранашна ракометарка, Живка Христовска- поранешна претседателка на „Коло на српски сестри“, Наташа Пешевска- магистар по компаративна книжевност и професор по македонски јазик, Борис Митковски- магистар по економски науки, Оливера Трајковска- дипломиран теолог и писател, Кетрин Михајловиќ, Слободан Бурназовски- дипломиран економист во пензија, Славица Божиновска- професор во пензија, Дамјан Златановски- студент на Електротехничкиот факултет и млад европски амбасадор, Драгица Стаменковиќ – лиценциран психолог и психотерапевт, Ивана Гиновска- дипломиран економист, Душка Гиевска- писател, Јаготка Томовска – професор во пензија и Маја Герасимовска Илиевска – менаџер по бизнис и администрација.