Покачената цена на електрична енергија и гас, како и зголемената минимална плата, се закана за работата на јавните претпријатија во Куманово. Надлежните се загрижени за ваквата состојба бидејќи може да се одрази на квалитетот на услугата кон граѓаните. Веќе побарале поддршка од Владата но се уште не добиле одговор.
За ваквата состојба денеска се дискутираше и во Советот на Општина Куманово. Власта од Советот предложи Владата да им помогне, но опозицијата од СДСМ нагласи општината сама да крати од инвестициите и да ги спаси јавните претпријатија.
На крајот сепак едногласно се заклучи да се побара од Владата да издвои блок дотации за покривање на трошоците како резултат на зголемување на минималната плата и енергенсите како и да издвои финансиски средства на оваа разлика за да се обезбеди нивно непречено функционирање. Се бара и нафта и мазут од државните резерви за да се распоредат во училишата.