Повозрасни кумановци плаќаат, но не добиваат огревно дрво. Кумановската полиција само во февруари бележи три пријави за измами за огревно дрво. Од почетокот на годината се евидентирани вкупно четири.
-Начинот на измама сторителите го вршат со доаѓањето во домот на постари лица при што ги доведуваат во заблуда со лажно прикажување на факти дека продаваат огревни дрва. Ги наведуваат да им платат за дрвата под изговор дека камионот со дрва е во близина и дека тие ќе им бидат донесени. Ги земаат парите и подоцна заминуваат-истакна Ивана Младеновска, портпарол СВР Куманово.
Според пријавите, сторителите дури со граѓаните заминувале на места каде што наводно било складирано огревното дрво. По пристигнување, ветувале дека ќе заминат по камион или мотор за сечење, но всушност оделе во нивните домови и од роднините барале пари.
Лани кумановската полиција регистрирала вкупно 26 пријави за измами, од кои шест за измама при купување огревно дрво.
-Во име на СВР Куманово да апелирам до граѓаните да бидат претпазливи особено повозрасните кога непознати лица им нудат огревно дрво за пониска цена од продажната да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на 192-посочи Младеновска.
Од СВР Куманово укажуваат дека преземаат мерки за пронаоѓање и санкционирање на сторителите.