(ВИДЕО) Зграда „плива“ во подземни води и фекалии

Зграда во центарот на Куманово „плива“ во подземни води и фекалии. Станува збор за 11-катницата на улицата „Моша Пијаде“. Скривниците се полни со подземни води, а во подрумските простории течат фекалии. Станарите информираат дека со овој проблем се справуваат низа години. Реагирале, но надлежните засега немаат интерес за решавање на овој проблем. Подрумските простории веќе не ги користат, бидејќи стравуваат од зараза, но и од водата, којашто е во големи количини.

Дополнуваат управителот лани само ја санирал цевката од која течеле фекалии. Случајот станарите го пријавиле и во инспекцијата при општина Куманово, но од таму не добиле никаков одговор.

Од фирмата којашто е задолжена за одржување, нагласуваат дека проблемот е долгогодишен. Тие побарале помош од противпожарната единица во Куманово и јавното претпријатие „Водовод“, но велат не излегле во пресрет. За да се реши проблемот нагласуваат станарите треба да се согласат и да одвојат свои средства.

Од оваа фирма дополнуваат и дека станарите барале да се изврши дезинфекција, но одбиле бидејќи тоа требало да се покрие од нивниот резервен фонд, за кој месечно одвојуваат по 50 денари. Укажуваат дека и дел од жителите на оваа зграда немаат навика навреме да ги надмируваат давачките.

Од инспекцијата за домување при општина Куманово велат неопходна е соработка на повеќе институции. Нагласуваат согласно законот можат да наложат управителот да одржи состанок со станарите и да донесат одлука, а спроведувањето ќе го набљудуваат тие. Административно велат случајот ќе се реши за една седмица, но не и реално.

 

Коментари

коментар(и)