(ВИДЕО) Ликот на Христијан Карпош на поштенски коверт

Во организација на националната установа Музеј Куманово во Спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош денеска се одбележа 100 годишнината од раѓањето на народниот херој. По повод оваа годишнина, но и 70 години од формирањето на Сојузот на филателистите на настанот беше промовиран и коверт со ликот на Карпош, кој е изработен во соработка со македонска пошта. Поштенскиот коверт е илустриран со портрет на херојот, кој е дело на академската сликарка Воскресија Андреевска. Од Сојузот на филателистите посочија дека согласно програмата тие ќе одадат почит на седум народни херои, Васко Карангелески, Крсте Црвенковски, Борка Талески Модерното, Христијан Карпош, Ванчо Прке, Илија Игески, Славчо Стојменски.

-Ние успеавме да направиме во рамките на нашиот проект седум пригодни пликови кои ги задоволуваат меѓународните критериуми за филателистички материјал. Тоа е специјална форма која има плик, марка и печат, во нашиот случај имаме плик кој има симбол на херојот, по избор на уметници, печат кој го работи Македонска пошта врзан за денот 3-ти септември и пригодна марка која во нашиот случај ја разбираме како град во кој е роден херојот, се одлучивме за знамето-истакна Димитар Белчев, член на Сојузот на Филателистите на Македонија.

Од Сојузот нагласија дека ковертот ќе се обидат да го промовираат во сите институции кои го носат името на народниот херој.

Пред присутните се обрати и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој истакна дека Карпош е синоним за борбеност, истрајност и непоколебливост. Тој се заблагодари за изработениот коверт, но и за целосната реконструкција на Спомен куќата која ја направи Министерството за култура заедно со кумановскиот Музеј.

-Токму пред 100 години во ова наше шаренолико Куманово се родил човек среден по раст, а голем во срцето и душата. Карпош развивајќи се себе како личност е пример за многу генерации кумановци кои подоцна го користат тоа име во делот на нивниот духовен развој. За биографијата на Карпош знаат сите и во Куманово и пошироко. Јас сакам да зборувам за суштината на Карпош и како тоа тој е пример а ние средните генерации сакаме и да остане позитивен пример за кумановци и сите Македонци-нагласи Димитриевски.

На настанот присуствуваа и членови на семејството на Карпош, а творби прочитаа неговите правнуци.

Коментари

коментар(и)