(ВИДЕО) Манифестација „Закројување на лозјето“ во училиштето „Киро Бурназ“

Во државното средно училиште – Регионален центар за стручно образование и наука „Киро Бурназ“ денеска беше одбележан празникот Свети Трифун. Традиционално, на денот на заштитникот на градинарите и лозарите беше закроен лозовиот насад во присуство на наставниците, учениците, како и пратеници од Собранието, претставници на Фондацијата за култура и спорт и свештени лица од Кумановско-осоговската епархија.

Манифестацијата „Закројување на лозјето“ се организира откако е засаден првиот лозов насад, а училишниот имот со лозје претставува добра можност учениците да добијат повеќе практични знаења во рамките на земјоделско – ветеринарната струка.

Директорката на државното средно училиште Весна Трајковска, вели дека насадот  се користи за изведување на практична настава на учениците.

– Насадот е од сортата шардоне која за нашето поднебје и не е толку успешна. Се надеваме и сме во обид наредната година да подигнеме нов лозов насад кој ќе биде лоциран на друго место во близина на училиштето и со друга сорта што е десертна, бидејќи шардоне е винско грозје, така да немаше некој голем род на овие наши простори, појаснува Трајковска.

Кај учениците постои интерес за земјоделско – ветеринарната струка, а стручните појаснуваат дека учениците по завршувањето на оваа струка можат да работат на свој насад, да се вработат во некоја винарија или пак да го продолжат своето образование на земјоделскиот факултет.

– Од минатата година сме државно училиште, односно Центар за стручно образование и обука, започнаа некои активности за изградба и се надеваме дека кога ќе заврши целата реконструкција, можеби интересот на учениците ќе биде поголем за да се запишат не само во оваа струка, туку и во другите струки што ги имаме, изјави директорката Трајковска.

Освен што беше закроена виновата лоза, присутните имаа можност да бидат дел од пригодната програма подготвена од средношколците под менторство на наставниците, во чест на Свети Трифун.

Коментари

коментар(и)