На пет локации во градот поставени се нови сетови полуподземни контејнери, информираат од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“. Садовите кои што ги набави општина Куманово се наоѓаат во центарот на градот, но и во населбите „Гоце Делчев“ и „Зелен рид“. Поставувањето на вакви полуподземни контејнери во Куманово започна од пред две години. Досега според информациите на надлежните поставени се сетови од 30-ина контејнери.
–Сметаме дека е еден модерен, современ начин на управување со отпадот, бидејќи тие се вклопени под земја, имаат капацитет дури пет пати поголем од обичните. Сметот којшто се фрла во нив не се доведуваме во состојба кога дува ветер да излегува од самите контејнери, ја зачувуваме животната средина и она што беше најголем проблем и за што најмногу имавме забелешки од самите граѓани е тоа што камионите на јавното претпријатие бидејќи работат 24 часа, честопати прават метеж во сообраќајот и затоа сега тие работат редуцирано, помалку се интервенира при чистење, празнење на самите контејнери со што се олеснува работата на самото јавно претпријатие а од друга страна и граѓаните не им се прават пречки во сообраќајот-истакна директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски.
Во моментов ваквите контејнери се поставени на вкупно 15 локации. Од Чистота и Зеленило велат чекаме дозволи за уште осум локации.
-Во разговор со градоначалникот идејата ќе биде целото централно подрачје да биде покриено со овие полуподземни контејнери за да не ни сметаат ниту во самиот сообраќај, да можат полесно да управува со нив јавното претпријатие, полесно да се празнат и да го намалени метежот во самиот сообраќај. Граѓаните се навистина задоволни, бидејќи се почисти, поефикасни, помодерни-дополни тој.
За да има чиста животна средина според Стојчевски мора да се запазат три сегменти, меѓу кои јавното претпријатие да ја врши својата основа намена, граѓаните да бидат свесни за начинот на кој го фрлаат отпадот, да не се создаваат депонии, но и посилна активност на инспекцијата. „Чистота и Зеленило“ започна со акции за чистење, кои во наредниот период ќе бидат уште поинтензивни.