Продолжува опремувањето на кумановската болница. Со средства на Европската унија и Министерството за здравство набавен е нов, современ компјутерски томограф. Апаратот ќе биде поставен на новиот ургентен-хируршки центар.
Пациентите од североисточниот регион ќе имаат попрецизни снимки, а зрачењето ќе биде значајно помало. Вакви апарати треба да добијат уште четири јавни установи во земјава.
– Ова многу ќе ни ја олесни работата бидејќи се наоѓа на одлична локација, на фреквентно место, каде доаѓаат итни случаи, сообраќајни незгоди, повреди, речиси сите итни случаи се тука. Исто така лежечките пациенти кај кои што е потребно итно да се направи компјутерска томографија нема да бидат носени преку болнички двор до друга зграда туку на лифт ќе се донесат овде-истакна Снежана Захариева директор Општа болница Куманово.

Ракувањето со апаратот ќе биде согласно стандардите, со специјална изолација, заштита на ѕидовите, како и систем за ладење. Од болницата се надеваат дека до крајот на годинава, ќе добијат и дозвола од Дирекцијата за радијациона сигурност.
Во кумановската болница при крај е и процесот за гасификација. По склучување на договор со јавното претпријатие „Куманово гас“, ќе следи пробно пуштање и тестирање на мрежата.