ВИДЕО: Нов начин на полевање во расадникот на ЈП „Национални шуми“ во Куманово

Нов, модерен начин на полевање и прихранување на шумски садници од денеска користи расадникот на јавното претпријатие „Национални шуми“ во Куманово.

Реконструирани се три мрежници со полуавтоматски иригационен систем за полевање и прихранување, потопна пумпа и мрежа за засена за потребите на расадникот.

Јавното претпријатие овој проект го спроведува со УНДП преку Програмата за развој на Обединетите нации. Целта на проектот е да се промовираат развојни активности за намалување на ризикот од поплави.

 -За нас како ЈП ова е многу важен настан, бидејќи претходните месеци интензивно работевме со УНДП за подобрување на отпорноста од поплави во рамките на полошкиот регион. Тоа е проект што го работи УНДП. Активностите кои беа извршени во расадникот во Куманово се наменети за јакнење на капацитетите на расадничкото производство и производство на садници кои ќе бидат искористени за пошумување на површините, изјави помошникот директор на Секторот за одгледување, подигање, екологија и лов, Маре Басова.

Од „Национални шуми“ укажуваат дека површините кои ќе бидат опфатени со пошумувањето, веќе се мапирани.

Целта е да произведеме садници коишто ќе ја обноват шумската покривка и ќе се намали ризикот од поплави и други катастрофи кои се случуваат во тој регион.  Сакам да изразам благодарност до Швајцарската конфедерација како донатор и УНДП како имплементатор на овие активности и можноста која ни ја дадоа како ЈП да на еден начин учествуваме во подобрување на шумската покривка и на шумата во тој регион и на друг начин ни помогнаа со осовременување на нашите расаднички капацитети, изјави Басова.

Во расадникот во Куманово ќе се произведуваат отпорни садници кои издржуваат екстремни временски услови.

 

Коментари

коментар(и)