„Скутина, фута, бовча, диљка“ е насловена мултимедијалната изложба на етнокореологот Бојан Петковски која беше отворена денеска во фоајето на Центарот за култура „Трако Прокопиев“. Според авторот, кон крајот на XIX век носијата била во својот полн сјај, карактеризирајќи се со слоевитост во облековните елементи и накитот. Фактот дека носијата е комплетна конструкција сочинета од низа облеки иницира давање акцент на секој засебно. Скутината е дел од традиционалната облека која е позната под различна локални имиња: фута, бовча, скутача и слично.
„Овој проект ќе фрли светлина врз скутината. Првата визуелна средба меѓу носијата и гледачот прави гледачот секогаш да го насочи своето внимание на скутината“, истакна авторот на проектот Петковски.
-Централно поставена, генерално во големи димензии, таа чини голем дел од целокупната слика на носијата. Кај женските носители, носена во сите етнички предели, во сите возрасни и социјални категории, скутината е забележана и во голем дел на машката облековна култура. Во скутините се напластени основните човекови потреби, но и низа скриени знаци. Публиката преку четири различни методи ќе може да ја осознае вредноста на скутините. Методот на инкорпорирање, реалните предмети најдени на теренските истражувања, ќе ги соедини со црно-бели фотографии на коишто е забележан идентичен предмет. Веродостојноста на дел од скутините гледачот ќе може да утврди преку методот на компарација со визуелна оставина од минатото. Преку методот на рефлексија, дел од скутините гледачот ќе може да ги пронајде на старите црно-бели фотографии. Континуитетот на проектот е содржан во методот на самоистражување, каде ќе бидат изложени „анонимни“ скутини, кои кај гледачот ќе стимулираат интерес за нивно истражување, рече Петковски.
Преку засебни паноа за атипични примери за носење на скутини се забележува и едукативниот карактер на проектот, посочува Петковски, чија што соработка со Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ започна минатата година со организирање на семинар за традиционалната музика и игра.
„Од овој момент нашата соработка стана поинтензивна и институцијата стана побогата со уште еден уметник надворешен соработник од доменот на уметноста и науката“, рече Дени Синадиновски, етнокореолог и промотор на изложбата.
Говорејќи за авторот посочи дека Петковски со научно- истражувачка дејност поврзана со традицијата започнал во текот на средното образование, насока – традиционална музика и игра. Петковски дипломирал во 2019-та година на Музичката академија во Штип на катедрата за етнокореологија.
Изложбата на фотографии од скутини во Центарот за култура ќе биде поставена две седмици.