ВИДЕО: Ликовна колонија во ООУ„11 Октомври“ организирана од здружението „Натуро“

Ученици од неколку основни училишта денеска учествуваа на првата детска ликовна колонија  организирана од Здружението за култура, заштита и унапредување на животната средина „Натуро“ од Куманово во соработка со основното училиште „11 Октомври“. Основците изработуваа ликовни творби исклучиво со еколошки материјали на темата „Фрагменти од мојата фантазија“.

-Идејата е децата од мали нозе да ги едуцираме во насока на заштита на животната средина по пат на култура. Тоа е основното мото на она што еве денеска се случува тука во училиштето „11 Октомври“. Идејата е секоја година во друго училиште да биде организирана ликовната колонија која еве годинава за прв пат ја организираме овде во училиштето „11 Октомври“. Нормално на тој начин планираме оваа ликовна колонија да прерасне во традиција, има голем одзив од основните училишта од Куманово, децата прават убави дела и заслужуваат внимание и да имаат една ваква ликовна колонија која ќе прерасне во традиција и ќе биде прифатена од учениците, изјави Драган Митевски, претседател на Здружение за култура, заштита и унапредување на животната средина „Натуро“.

-Учесниците користат техника асамблаж, тоа е слична техника на колаж, на едно место да ставаат повеќе видови на различни еколошки материјали. Имаме учесници од повеќе училишта,„ Толи Зордумис“, „Кирил и Методиј“ од Романовце, „11 Октомври“ – училиште домаќин, „Крсте Мисирков“, „Магдалена Антова“. Задоволни сме од изработките и да напоменам дека победничката творба ќе има победнички карактер со тоа што во нивното училиште ќе ја доведе оваа иста детска ликовна колонија  наредната година, изјави Александар Стефановски, наставник по ликовно образование

Директорката на училиштето – домаќин, Елизабета Костадиновска – Костиќ ја поздравува иницијативата на здружението „Натуро “ за организирање на ликовната колонија, надевајќи се дека активноста ќе стане традиционална.

Освен ликовната колонија, здружението „Натуро“ годинава ќе организира уште еден настан во кој ќе бидат вклучени основни училишта од целата држава. Според Митевски, станува збор за изработка на кратки анимирани филмови поврзани со екологијата, а најдобите дела ќе бидат наградени.

„Целта е секако децата од најмала возраст да се едуцираат во насока на зачувување на животната средина по патот на културата“, потенцира претседателот на „Натуро“, Митевски.

Коментари

коментар(и)