Во Куманово е отворен шестиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза“, како и 2-от саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „Агро Мак“, кои ги организира здружението „Живот“ Куманово. На саемот кој ќе трае наредните три дена е предвидено да учествуваат над 300 излагачи од Македонија, соседните држави, но и Унгарија, Словачка, Црна Гора, Турција.
Саемите вклучуваат повеќе компоненти, освен штандови со изложбен дел на произведувачи, откупувачи и преработувачи на храна, земјоделски производи, механизација, ќе има и претставување на општини, стопански комори, асоцијации, федерации, организации.
Третата компонента е и едукација, ќе се одржат и мини форуми, работилници, панел дискусии во кои ќе учествуваат претставници на универзитети, училишта, експерти.
Организаторите задоволни, од интересот на излагачите, компаниите и граѓаните. Се надеваат дека размената на искуства, новите контакти ќе придонесат за пласман на нашите производи надвор од земјава.
Излагачите посочуваат дека интересот за здравата храна расте особено по ковид пандемијата. Но велат треба да се работи на обуки и едукација. Неопходна е и поддршка од државата аз напредок на дејноста, но и повеќе вакви настани.
На саемите се одржа и богата културно уметничка програма.