ВИДЕО: Показна вежба по повод Светскиот ден на првата помош

Општинската организација на Црвен крст Куманово денеска по повод Светскиот ден на првата помош организираше показна вежба за правилно укажување на прва помош. Волонтерите симулираа незгоди во кои има повредени лица, а од возачите и случајните минувачи се бараше да им укажат прва помош на повредените. Оние кумановци кои што сакаа да бидат дел од показната вежба имаа можност да си ги повторат знаењата за прва помош и да покажат што запомниле и како треба да се однесуваат кога ќе наидат на сообраќајна незгода со повредени патници.

-Имаме неколку повреди, отворена скршеница на подлактица, обилно крварење, скочен зглоб, тоа се најчести повреди што можат да се случат и нашите волонтери ќе им демонстрираат на возачите како да се справат со тие повреди. Исто така би сакала да кажам дека на 17-септември (сабота) ќе се одржи Конвенција во Битола каде што нашата општинска организација ќе земе учество и ќе има можност да им покаже исто така и таму на случајните минувачи, да им демонстрираат како да санираат некоја повреда. Започнавме и кампања со која треба да опфатиме над 2.500 ученици од основно и средно образование и да ги обучиме по прва помош. Сето тоа ќе го спроведе нашиот тим за прва помош, обучени волонтери и тренер за прва помош, изјави Никол Ѓорѓевска, ОО на Црвен крст Куманово

Показната вежба успешно беше реализирана во соработка со Секторот за внатрешни работи и екипа на Итната медицинска помош од Здравствен дом Куманово.

-Сметам дека е од големо значење укажувањето на прва помош бидејќи со правилно укажување на прва помош само може да им помогнеме на пациентите до доаѓањето на екипата на Итна медицинска помош кога тоа е потребно. Ги поддржуваме овие акции, секоја чест за овие млади луѓе кои што се ентузијасти и покажуваат одлични способности при пружање на првата помош. Инаку, соработката со Црвен крст и со полицијата е исто така многу важна бидејќи треба да ни се обезбеди простор за укажување прва помош, а тоа е во доменот на полицијата, изјави д-р Милена Прокоповска, Итна медицинска помош

Светскиот ден на првата помош е можност да се промовира и застапува заложбата за поседување на знаење и вештини за укажување на прва помош на пошироката јавност.

Коментари

коментар(и)