(ВИДЕО) Полуподземните контејнери даваат резултати, ќе се постават и дополнителни

Полуподземните контејнери коишто се поставени на седум локации во централното градско подрачје ги дадоа посакуваните резултати, бидејќи собираат значајно поголеми количини смет, истакна при гостувањето во емисијата „СТАВ“, директорот на „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски. Тој информираше дека наскоро ќе се постават дополнителни нови, кои се набавени со поддршка на општината. Еден ваков контејнер заменува дури пет мали, па веќе нема потреба возилата на јавното претпријатие по неколкупати во денот да поминуваат на локациите, а на тој начин значајно е намален и сообраќајниот метеж.

-Самите контејнери во градското централно подрачје се празнат некогаш и по пет пати во текот на денот. Невозможно е тоа какошто бараат граѓаните да се врши во вечерните часови, бидејќи се создава голема количина на смет, доколку не го собереме тој смет при дување на ветер може да дојде до разнесување по улиците и можеме да направиме поголема катастрофа. Овие контејнери засега даваат навистина добар резултат имаме поставено на седум локации, овие денови треба да поставиме уште толку. Некоја наша проценка е со 150 до 200 локации во централно градско подрачје односно градежниот реон, можеме да го опфатиме и на многу модерен начин да го решиме изнесувањето на сметот, односно веќе нема да мора да ги пуштаме самите камиони да се движат во текот на денот, изнесувањето на сметот ќе се врши во вечерните часови, тие садови се затворени не предизвикуваат дополнително исфрлање надвор од нив и навистина се многу ефикасно и евтино решение-истакна Стојчевски.

Директорот на „Чистота и Зеленило“ информираше и дека последниве две години јавното претпријатие добило осум камиони преку проектот за регионална депонија, а со сопствени средства набавиле два помали камиони, кои се користат за потесните улици. Во наредниот период нагласи дека ќе продолжат со акциите за чистење на населбите. Последниов месец се чистело на над 20 диви депонии. Во моментов претпријатието кое поседува неколку објекти располага со 350 вработени, но постои можност преку општината да се ангажираат дополнителни сезонски работеници кои ќе бидат вклучени во уредувањето на зелените површини.

 

Коментари

коментар(и)