(ВИДЕО) Превозниците на протест пред Општината, најавуваат жалби

Дел од превозниците од Куманово излегоа на мирен протест пред општината, незадоволни од одлуката на општинската комисија за уредување на линискиот превоз и на градоначалникот на Куманово. Најавуваат жалби до Министерството за транспорт и врски.

е ги искористиме сите можни правни лекови за точно да се донесат онакви одлуки во согласност со законските прописи на државата. Имено, ќе следат жалби до Министерството за транспорт и врски, а согласно законот за општа управна постапка кога еднаш е поништена одлука на првостепениот орган, сега одлучува директно Министерството-истакна Виктор Божиновски, правен застапник на превозници.

Најголемите приградски населби повеќе од два месеца се без јавен превоз, бидејќи изборот заглави во жалбена постапка. За проблемот со спорните линии одлучуваше комисија при Министерството за транспорт и врски, која ги прифати жалбите и случајот го врати во општината. Комисијата формирана од градоначалникот одлучи да распише нова постапка, а претходно Советот донесе одлука за пакет линии, согласно која превозниците кои ќе ги добијат атрактивните линии ќе вршат превоз и во непрофитабилните рурални средини, за кои немаше интерес на огласот. Превозниците и претходно реагираа дека е противзаконски да се расправа за линии за кои се води постапка. Велат се кршат одредби од два закони на штета на граѓаните и учениците.

Превозниците нагласуваат дека процесот можел да заврши во скратена постапка, доколку се прифателе понудите, врз основа на првичната одлука на Советот од декември лани. Обвинија дека се фаворизира фирма, која не ги исполнила условите.

Од општина Куманово информираат дека немаат добиени конкретни барања од незадоволните превозници. Нивните испектори за сообраќај откриле неправилности, за кои дополнително ќе информираат.

Во Куманово дел од јавниот градски превоз не функционира од 1-ви јануари. Во моментов превоз има за 15 од вкупно 26 линии.

Коментари

коментар(и)