Отворен е Кумановски културен центар во градот. Менаџерот на новото културно катче, кореограф и директор на Денс студио „Мак“ Мерлин Стојановска на синоќешното официјално отворање на центарот најави проширување на нивната дејност низ повеќе сфери од културата каде што младите кумановци ќе имаат можност да го изразат својот талент и креативност.
-Со еден збор дојдовме до идеја да направиме простор за секого, катче за секого каде што може секој културно да се изгради и да се воздигне во еден прав уметник. Нашиот Кумановски културен центар е замислен да функционира низ повеќе секции од културата кои што ќе опфаќаат танц, музичко, ликовно и драмско творештво манекенство и други дејности. Очекуваме голем број на млади таленти во кои лежи иднината на кумановската медиумска иднина. Поддршката за овој голем проект, Кумановски културен центар дојде единствено од моето потесно семејство, од мојот сопруг и од моите пријатели и родители, како финансиски така и морално. Нашето студио си доби ново катче, нов дом каде што може да дејствува и оваа година слави 36 години од своето постоење и во овие простории ќе се одвиваат нашите часови по танц, изјави Мерлин Стојановска.
Паралелно со проектот Кумановски културен центар продолжија и настапите и успесите на денс студиото „Мак“. Од меѓународниот натпревар „Мастер денс Лукец“, кој се одржа минатата седмица во Брежице, Словенија, студиото Мак се врати со шест врвни награди.
-Се вративме од Словенија пред една недела каде што се закитивме со три златни сертификата и три сребрени што за нас беше голем успех и две од кореографиите влегоа во 12 најдобри кореографии од вкупно 450 на целиот фестивал на кој имаше преку 2.000 учесници, 86 клубови од цела Европа. Плановите за Денс студио Мак во следниот период се многубројни, некако после оваа корона сите врати почнаа да се отвораат така што следната недела патуваме за Хрватска во Пожега каде што учествуваме на меѓународен фестивал како претставници од Македонија, веднаш следната недела одиме во Осијек на меѓународен натпревар по модерни танци, а потоа следуваат подготовките за нашиот меѓународен фестивал „Денс фест“ кој што оваа година слави 11 години од своето постоење, изјави Стојановска.
„Денс фест“ годинава ќе се одржи на 22 април во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.