Градскиот стадион и стрелиштето во Куманово најверојатно ќе се реконструираат со европски пари. „Бидејќи станува збор за голема инвестиција, реално ниту општина Куманово, ниту пак било која друга општина во државата не може да одвои средства од буџетот за целосна реконструкција на вакви спортски објекти“, вели директорот на јавното претпријатие „Куманово паркинг“ кое од неодамна, со одлука на Советот стопанисува со сите спортски објекти кои се под општина Куманово, Сашо Петрушевски. Градскиот стадион и стрелиштето, посочува Петрушевски ќе се решаваат подолгорочно, со аплицирање со проекти за целосна реконструкција преку Фудбалската федерација на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, преку европските фондови.
-Мислам дека веќе стапив во контакт со релевантни структури на државно ниво, ќе имам состаноци, со Фудбалската федерација на Македонија, односно со претседателот бидејќи преку FIFA и UEFA даваат средства за изградба на стадиони, а исто така и со Агенцијата за спорт и млади каде што како општина Куманово и како јавно претпријатие ќе аплицираме за средства со проекти кои што треба да се изготват и во наредните години, бидејќи ова е процес кој ќе трае подолго, меѓутоа го почнавме, со тоа што планираме да се реставрира градскиот стадион, исто така и стрелиштето бидејќи се во катастрофална состојба, тука 30 години никој не преземал мерки за нивна санација. Тоа е она што е најгабаритно и не е во функција, изјави Петрушевски.
Дека Градскиот стадион во Куманово ќе добие целосно нов лик, со реконструкција во неколку фази, почнувајќи во прва фаза со трибините, најави пред околу година ипол и градоначалникот Максим Димитриевски. А, претходно, идејно решение за модерен фудбалски стадион со три трибини со капацитет за пет илјади гледачи, понуди и пратеникот Мартин Костовски. Тој во објавата на ФБ тогаш не наведе дали иницијатива ја покренува како пратеник и од каде ќе обезбеди пари за реализација на проектот.
И додека за обнова на стадионот и стрелиштето се чека помош од државата, од ФИФА, од УЕФА, отворените спортски објекти, тениските игралишта и терените за мал фудбал ќе профункционираат напролет, најавија надлежните.
-Во април, мај годинава отворените спортски објекти ќе профункциониарат, значи имаме програма каде што со тениските клубови и со граѓаните кои што се заинтересирани да се занимаваат со овој спорт ќе направиме термини каде што сите заинтересирани ќе можат да ги користат овие игралишта. Исто така и за мал фудбал-футсал, верувајте дека огромен е интересот на граѓаните бидејќи сето ова ќе придонесе за правилен развој на младите и на спортот во општина Куманово, изјави Петрушевски.
Освен со градскиот стадион, стрелиштето, тениските терени, три футсал игралишта, јавното претпријатие „Куманово паркинг“ стопанисува и со Соколана, спортската сала и градскиот базен.
