ВИДЕО: Успешно се спроведува гасификацијата во болницата, најавени уште проекти меѓу кои и набавка на мамограф

Кумановската болница веќе еден месец целосно се затоплува на гас. По овој повод увид денеска изврши министерот за здравство Беким Сали, кој истакна дека е задоволен од реализацијата на проектот, кој се надева ќе го следат и останатите здравствени установи ширум земјава.

Гасификацијата на установа рече е важна за кумановци, но и за жителите на регионот, бидејќи болницата опслужува околу 200.000 жители. Очекувањата се да се намали аерозагадувањето, бидејќи болницата до неодамна се затоплуваше на мазут.

-Системот е централно поврзан, многу е важен за понатамошниот тек на инвестиции кои ги планираме во сите здравствени установи. Ова е пилот-проект сметам дека ќе послужи како модел за другите болници. Многу е важно за Куманово и регионот со тоа што загадувањето ќе се намали, обезбедивме еколошко греење на една институција, воедно и заштеда на енергенси односно можност за болницата да пренамени финансиски средства од потрошувач на електрична енергија и мазут, на гас, за останати проекти кои ќе бидат многу значајни за сите жители во овој регион-рече тој.

Директорката на болницата, Снежана Захариева, изрази благодарност за инвестицијата за гасификација, која е од Владата и Министерството за здравство. За овој значен проект рече болницата подготви проект пред четири години.

-Сметам дека во понатамошниот период ќе следат уште вакви средби, да реализираме уште вакви проекти кои се за доброто на нашите сограѓани. Гасификацијата е еколошко загревање со што ќе се тргнеме од листата на загадувачи во Куманово, но знам дека со помош на владата и министерот ќе добиеме и друга помош за да може граѓаните на Куманово и целиот регион да добијат уште поквалитетна здравствена заштита.  Сите овие проекти немаше да можеме со сопствени сили да ги истуркаме не само гасификацијата, туку и набавка на поскапа медицинска апаратура-истакна таа.

Захариева се заблагодари и на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за кого рече дека е добар познавач на состојбите во болницата и предизвиците со кои се соочува.

Министерот кој присуствуваше на увидот, истакна дека ова е исклучително важен проект за градот и дека на почетокот на постапката за гасификација бил премиер во техничката влада.

– Денеска ми е чест што и министерот и директорот ме поканија да учествувам на овој значаен проект, бидејќи и сами знаете колку е важно да реализирате проект којшто значи пред сè намалување на загадувањето на граѓаните во Куманово. Јас сум горд што еве барем малку можев да направам нешто за својот град, посочи Спасовски.

Министерот за здравство Сали, потсети дека болницата недамна доби компјутерски томограф. За наредниот период најави и набавка на мамограф, но и дополнителна опрема за болниците ширум земјава.

-И мамограф и целата дијагностика која што ја опфаќа компјутерски и магнетни резонанци, се планираат со големата набавка која ја планираме со кредит од Светската банка. Јас се надевам дека веќе ќе започне процесот за јавна набавка и очекувам во најкраток период да биде се како што треба, да обезбедиме и мамограф и останата опрема-дополни тој.

Со вакви проекти во сите здравствени установи, првиот човек на македонското здравство се надева дека ќе се врати довербата во севкупниот систем. Инаку проектот за изградба на комплетно нова дистрибутивна гасоводна мрежа, гасна котларница, поставување на гасна опрема и изградба на приклучна делница беше комплетно завршен во декември, лани.

Коментари

коментар(и)