На седницата на Советот на Општина Куманово, беше усвоена иницијативата за можност на изработка на физибилити студија, со цел основање на јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија, поднесена од советникот на Левица, Никола Лазаревски.
Со формирање на претпријатието се отвора можност општината да остварува приходи од овие дејности, со што за краток период ќе го амортизира финансискиот удар од високата цена на струјата, а на долг план, со добро менаџирање, да се остварува финансиска добивка која би ја инвестирала во подобрување на условите на жителите на општината.
Првична цел е да изгради фотоволтаични централи на сите поволни локации во општина Куманово, во втората фаза ова јавно претпријатие би инвестирало во производствени капацитети за електрична енергија на поволни локации надвор од границите на општината и во последната фаза на развој ЈП самостојно би вршело снабдување со електрична енергија на Општината и нејзините институции, како и други потрошувачи.