Во индустриската зона „Речица“ ќе се градат хотели, трговски центри и фабрики

Во индустриската зона „Речица“ на 12 парцели ќе се градат трговски центри, хотели и фабрики. На крајот на мај, Општина Куманово ќе објави јавно наддавање на 4 парцели за изградба на фабрики за лесна и незагадувачка индустрија, две за хотели и шест за големи трговски центри.

Почетната цена на земјиштето за лесна индустрија ќе биде 61 денар по метар квадратен, за хотелски комплекс 283 денари, и за големи трговски центри цената ќе изнесува 800 денари од метар квадратен. Општина Куманово денеска организираше on–line презентација пред амбасадорите и инвеститорите, на која ги претстави можностите за инвестирање, начинот и постапката за стекнување со имот за инвестиција во новата индустриска зона.

Право на учество имаат физички лица и домашни и странски фирми. Купувачите имаат обврска во рок од 10 години да ја изградат фабриката или објектот за основната намена и немаат право да ја продаваат градежната парцела.

„Сакам да истакнам дека има голема заинтересираност од потенцијалните домашни и странски инвеститори за индустриската зона. Оваа презентација требаше да се изврши минатото лето, но, корона кризата ги пролонгираше работите. Ние како Општина за првпат организираме јавно наддавање на градежни парцели, до сега тоа одеше преку Министерството за транспорт и врски, и се трудиме да направиме што поголема презентација за да привлечеме што повеќе инвеститори и да ги запознаеме со можностите кои што ги нуди оваа индустриска зона“, истакна градоначалникот Максим Димитриевски, кој најави дека ова е само првата фаза од продажбата.

Во индустриската зона „Речица“, досега има изградено две фабрики, едната за лесна хемиска индустрија и другата за производство на марихуана.

Зоната е со површина од 65 хектари и се наоѓа на Коридорот 10, на автопатот Куманово-граничен премин Табановце, кај селото Речица.

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)