Голема ранохристијанска црква е откриена на археолошкиот локалитет Градиште, во атарот на селото Пчиња, во Бислимска Клисура, по археолошките истражувања што ги спроведе Археолошкото одделение на НУ Музеј Куманово.
Ископувањата се реализираа во периодот од 3 ноември до 26 декември 2025 година и, според надлежните, дадоа исклучително значајни резултати.
Истражувањата биле претходно прецизно планирани врз основа на анализи на теренот, како и на снимки добиени со ЛИДАР и георадар (ГПР), со што биле утврдени најсоодветните позиции за поставување сонди.
– Сите анализи укажуваа на добро сочуван западен ѕид на црквата и можност за постоење анекс од јужната страна, како и значајни архитектонски елементи во внатрешноста на објектот – изјави Дејан Ѓорѓиевски, раководител на археолошките истражувања.
Со ископувањата е потврдено дека црквата била долга околу 20 метри и широка 10,5 метри, а на западната страна имала нартекс, кој за првпат е откриен оваа година.
Според археолозите, ваквата архитектура укажува дека тврдината во Бислимска Клисура претставувала развиена населба со подолг континуитет на живеење, односно своевиден регионален центар во кумановската област во периодот на доцната антика.
Археолошките ископувања се целосно финансирани од Министерството за култура и туризам.