Голем интерес за обуките за побарувани занимања

Обуки за побарувани занимања е една од мерките за активација на пазарот на трудот на корисниците на гарантирана минимална помош за која што има голем интерес од кумановци кои сакаат да го зголемат степенот на својата конкурентност преку обука за одредено занимање, информира Марија Димитријевска, раководител на Центарот за вработување во Куманово. Обуката три месеци, првите два – теоретскиот дел, а третиот месец е практичниот дел, односно секојдневна практична работа во реални услови кај работодавачи. Од центарот за вработување посочуваат дека на огласот се пријавиле спроведувачи на обуки за три занимања, фризер, службеник за книговодство и негувател на стари и немоќни лица, а обуките се во тек.

-Огласот за спроведувачи на обука од стана на ИПА проектот беше објавен преку Центар за образование на возрасни. Обуките се во тек, како спроведувачи на обуки на подрачјето на Куманово се техничкото училиште „Наце Буѓони “ за негувател на стари и немоќни лица, за службеник во книговодство е Образовен центар „Визија“ и за фризер е приватната фирма „Славе пром“ , односно фризерското студио „Нате“. Обуките започнаа од 10 –ти декември, во тек е теоретскиот дел на обука. Во оваа обука се вклучени 23 лица од редот на корисниците на гарантирана минимална помош. Имавме доста голем интерес за оваа мерка, околу 41 лице се пријавија да учествуваат во оваа обука, некои се откажаа поради објективни лични причини, меѓутоа имавме и за некои, како што е негувател на стари и немоќни лица поради ограниченост на бројот на невработените лица во групи поради ковид условите беше ограничена на 9 лица најмногу, 7 лица се вклучени во обука за службеник во книговодство и 7 лица се вклучени во обука за фризер, изјави Марија Димитријевска, раководител на Центар за вработување Куманово

Надлежните ги повикуваат рабодавачите да ги користат мерките за обука кои што секоја година се предвидени во оперативниот  план на Агенцијата за вработување.

-Има обука за познат работодавач, обука за стручни квалификации за потребите на работодавачите и обука за побарувани занимања каде и работодавачите од приватниот сектор може да се јават како верификувани спроведувачи на обука, а се што е  потребно е да изготват програма која преку Центар за образование на возрасни ќе се верификува и на тој начин самите работодавачи преку обуките кои што ќе ги спроведуваат во конкретните работни услови и работна средина ќе се стекнат со квалификувана работна сила која што ќе одговори на нивните барања, изјави Димитријевска.

Од Центарот за вработување апелираат до невработените лица активно да се вклучат во процесот на барање работа преку мерките кои што се наменети за корисниците на гарантирана минимална помош. Дел од обуките ќе продолжат и наредната година, посочуваат надлежните, потенцирајќи дека невработените лица нема да го изгубат правото на гарантирана минимална помош додека посетуваат обука.

 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)