Телевизиите бараат укинување на членот 102

Здружението на локални и регионални телевизии „Медиум објектив“ бара укинување на концесијата за наредната година и помош од државата за справување со ковид-кризата, бидејќи не беа опфатени во четвртиот пакет мерки. Оваа асоцијација се уште бара и укинување на членот 102 од Законот за медиуми, со кој е оневозможено финансирање од државни и локални институции. Тврдат дека е можно затворање на телевизиите и бараат да им се овозможи да добијат средства, за како што велат она што реално е сработено.

-Ние имаме класичен пример вршиме пренос на седници на Совет на Општина Куманово, јас верувам тоа е нешто што ги интересира сите граѓани или поголемиот дел од нив, посебно оние од постарата генерација верувам дека се задоволни со тоа што имаат можност да ги гледаат во живо седниците на советот и преку тоа да видат кој за што се залага во Советот на Општина Куманово, кога ќе биде направена нивната улица. Тука дознаваат за решавање на сите локални проблеми кои се од витално значење за нивниот секојдневен живот, да осознаат кого избрале во Советот, да знаат кого ќе бираат следниот пат кога ќе има локални избори, дали ги застапува нивните интереси. Тој пренос ние не можеме да го наплатиме по ниту еден основ од општината, затоа што законот или тој член 102 од законот за авму го забранува. А ние во истовреме отстапуваме простор на нашиот медиум, некогаш седниците траат 3 часа, меѓутоа некогаш и по 8, 10 часа, а законски не смееме во тој временски период додека се емитуваат седниците, да емитуваме рекламни пораки-вели Драган Ивановски, член на Здружение „Медиум објектив“.

Тие се уште не наидуваат на договор со Здружението на новинари, според кое е недозволиво државни средства да се насочуваат во медиуми.

ЗНМ тврди дека ја застапува таа теза плашејќи се да не се вратат оние времиња кога државни пари се насочуваат кон приватни медиуми, неоправдано и во големи суми. Секако дека и ние сме против тоа и сакаме да има промена на членот 102 со што би се пронашол механизам кој би гарантирал дека нема да се злоупотребува тој член односно државните пари нема да се злоупотребуваат и да се усмеруваат кон приватните медиуми без основ туку ќе може само да се наплаќа она што реално е сработено-смета Ивановски.

Од здружението Медиум објектив информираат дека наидуваат на разбирање кај Владата, премиерот и Министерството за информатичко општество и администрација. Минатата недела оствариле и средба со министерот Јетон Шаќири, кој им ветил дека до среда ќе ги информира за двете барања, но за измена на членот 102 укажал дека е потребен подолг период за дискусија. Тие се надеваат дека ќе најдат заедничко решение и дека ќе се смени неправдата која им е нанесена на локалните и регионалните медиуми. Укажуваат дека поддршка имаат и од радијата. Претставниците на Медиум објектив посочуваат дека ќе ја следат состојбата, засега нема да штрајкуваат, но велат нема да чекаме уште две години за да се најде решение за нашиот проблем.

 

Коментари

коментар(и)