Граѓаните со предлози за решавање на проблем од социјална инклузија

„Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, е насловот на проектот кој годинава го имплементира Центарот за развој на Североисточниот плански регион во соработка со Швајцарската Агенција за развој и Министерството за Локална Самоуправа. Во рамки на истиот е предвидено околу 200.000 швајцарски франци да се вложат за решавање на еден проблем, поврзан со социјалната инклузија за ранливите категории граѓани, со кој се соочува регионот. За таа цел денеска во ресторан Грација, се одржа првата од трите форумски расправии на која учествуваат граѓани од различни сектори, кои даваат свои предлози кои подоцна треба да се разработат.

-Ќе бидат изберени пет проекти од кои три ќе се пратат на комисијата при Швајцарската амбасада и од нив ќе изберат еден највреден кој ќе го финансираат оваа година. Многу е важно што проектите треба да имаат регионална основа да бидат во интерес на повеќе од три општини во североисточниот плански регион така што да бидат целина која ќе е во инитерес на сите граѓани-посочи Владимир Павловски од СИПР.

-Ќе се врши групирање на работните маси, истите ќе предлагаат свои идеи, ќе дискутираат, и ќе предлагаат решенија. Работните маси ќе работат на проблемите од областа на образованието, пристап до пазарот на труд, здравствени услуги, и други области. Понатаму ќе се формираат работни групи кои ќе наоѓаат решенија за предложените проблеми-дополни Јелена Мишиќ, координатор во бизнис центар во СИПР.

Модераторот на форумските сесии, Гонце Јаковлеска посочи дека општините во североисточниот плански регион имаат слични проблеми. Таа се надева дека од овие средби ќе произлезат добри идеи, за да при крајот на март се изберат проекти кои ќе добијат финансиска поддршка.

-Некои анализи што се правени во сите општини на ниво на државата па и во овој регион, покажуваат дека еден од проблемите е грижата за старите луѓе јас верувам дека дел од прашањата кои ќе се покренат денеска ќе бидат и за тоа. Во регионот има само еден дом за грижа на стари лица, а жителите велат дека капацитетот е мал за потребите на регионот. Тоа може да биде една од опциите, во секој случај идејата на двете институции е најголем дел од средствата да бидат наменети за инфраструктурни решенија, 80 проценти се за тоа а околу 20 проценти може да бидат за меките мерки, да се создаде кадар, да се обучат тие луѓе за да можат да ги ослужуваат старите луѓе или лица/ деца со попреченост-нагласи таа.

Таа дополни дека како ранливи категории може да се земат и децата или возрасните кои живеат во одалечени рурални средини, затоа што и тие на некој начин се исклучени и неретко немаат пристап до сите услуги кои ги имаат луѓето кои живеат во урбаните, поголемите средини.

Идејата е преку регионалните форуми, учесниците да идентификуваат проектни идеи, од кои подоцна ќе се развијат 5 проектни концепти. 

Share and Enjoy !

0Shares
0 0

Коментари

коментар(и)