Со бесплатни лекарски прегледи, мерење крвен притисок, одредување шеќер и маснотии во крвта екипите на Здравствен дом Куманово ја завршија овогодишната програма на Министерството за здравство „Здравје за сите“. Во селото Тромеѓа вчера беше организирана акција за жителите на ова населено место која се спроведе согласно протоколите за преглед во услови на пандемија. Присутните имаа можност да се консултираат со лекарите и да добијат совети за здрав начин на исхрана, а во овој момент и совети за заштита од ширење на коронавирусот. Резултатите од мерењата се соопштуваат на лице место.
Како што изјави Марина Додевска, главна сестра во Здравствен дом , најголем процент од прегледаните биле на возраст од 30 до 50 години и кај дел од нив бил утврден зголемен шеќер во крвта, а мал дел биле пушачи кои добиле совети за одвикнување од оваа зависност. На хронично болните, тимовите им препорачале редовно користење на пропишаната терапија. На оние на кои им биле утврдени одредени состојби се упатени за понатамошни преглед, рече Додевска.
Согласно програмата, активностите се спроведуваат на отворен и затворен простор во зависност од временските прилики, а за местото, денот и времето на спроведување на прегледите, населението се известува преку локалните медиуми и месните заедници. Секој Здравствен дом треба да обезбеди по шест акции на годишно ниво, во рурално подрачје.