За 174 илјади основци и 64 илјади средношколци во Македонија денеска започнува новата учебна година. Според податоците од министерството за образование и наука запишани се околу 15 илјади првачиња и речиси 17 илјади ученици во прва година средно.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на вчерашната прес-конференција истакна дека оптимизирана е училишната мрежа и во голем број училишта условите се значително подобрени.
-Обезбедени се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби, ангажирани се најмногу образовни асистенти досега – 1358 во основно и 166 во средно образование. Негативниот тренд, поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата. Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците – да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем ќе имаме 433 паралелки помалку годинава – 222 во основното образование и 211 во средното, рече Јаневска.
Од вкупно 1023, во 620 училишни објекти ќе има едносменска настава. Годинава ќе има 433 паралелки помалку од лани.
.