И здружението на армиски и полициски ветерани го поддржува Димитриевски

И здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав на Куманово ќе ја поддржи независната кандидатура за градоначалник на општина Куманово на актуелниот градоначалник Максим Димитриевски на претстојните локални избори. „Градоначалникот не само што е член на здружението повеќе од десет години, туку секогаш е дел од нашите активности“ , вели претседателот на здружението на армиски и полициски ветерани, Драган Стојмановски.

-Посебна чест ни е што денеска во нашите простории дојде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски на кого сме подготвени да му дадеме целосна поддршка за неговата кандидатура за независен кандидат за градоначалник.  Даваме целосна поддршка, прво, затоа што Максим Димитриевски е член на здружението од 16.06.2010 година, му даваме поддршка затоа што првпат имаме член на нашето здружение кој е кандидат за градоначалник, второ, кога беше изјавено дека најдобрите три градоначалници  во Македонија се Таравари, Јанчев и Максим Димитриевски, од нив само Максим не беше предложен за кандидат од партијата и трето, Максим секогаш бил во сите наши активности, почнувајќи од маршот на Дренак, во Жегљане, Пелинце, Пониква, меѓутоа за жал, членовите од раководството на СДСМ ги нема да дојдат на нашите активности, а и не знам дали некој од нив го знае целосното име на здружението, изјави Драган Стојмановски, претседател на Здружение на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав на Куманово

Димитриевски денеска присуствуваше на состанокот на Извршниот одбор на здружението на кој беше одлучено да се редуцираат тековните активности заради пандемијата и ковид протоколите.

Што се однесува до просториите на здружението што се наоѓаат во објектот на реконструираниот Хотел Солун, претседателот Стојмановски се надева дека до крајот на годината повторно ќе се вратат во нив.

-Се уште е во фаза на разрешување со ЕУ, потоа треба да се одреди кој ќе го превземе објектот на ниво на општина со комплетниот инвентар и потоа очекуваме да потпишеме повторно Меморандум , како што имавме потпишано, за користење на тие простории. Ние имаме решенија за користење на тие простории, веќе 55 години сме ние во тие простории. Ги почитуваме мерките за корона вирус и ако се вселиме тоа ќе биде рестриктивно, односно со редуцирани актвиности, посочи Стојмановски.

Откако отпочна реконструкцијата на поранешен хотел Солун, здружението беше дислоцирано во простории на булеварот „Октомвриска револуција“, во близина на гостилницата Жмара.

 

Коментари

коментар(и)