Димитриевски: СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги предизвикуваат огромна разочараност кај членството

Градоначалникот Максим Димитриевски со реакција на одлуката на СДСМ да го исклучи од партијата, откако тој поднесе независна кандидатура за претстојните локални избори.

Реакцијата на Димитриевски ја пренесуваме интегрално:

-Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ.

Одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата. Моите информации велат дека такви седници не се одржалe. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал. Но како и да е, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува мојот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството,  симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат.

Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб, стои во реакцијата на Димитриевски.

Коментари

коментар(и)