Ковачевски: Земјата е безбедна, предизвиците се од економска природа

„Во овие турбулентни времиња, сакам да ве уверам дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и дека во овој момент не постои никаква директна закана за безбедноста на државата. Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно и ќе ги информира граѓаните“, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето до јавноста.

Тој говореше за последните случувања во Украина и евентуалните импликации врз безбедноста на Македонија, но и врз останатите сфери на живеењето.

Нагласи дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи земјава, како членка на НАТО ја ужива и може да смета на заштитата, која ја нуди најмоќниот одбранбен сојуз во светот.

Премиерот посочи дека поголемите предизвици кои стојат пред нас се од економска природа. Додаде дека поради воените дејствија на Русија против Украина се продлабочува глобалната енергетска и економска криза и оти нѐ очекува неизвесна година, во која економијата во Европа и светот ќе претрпи штети

Упати и порака до сите институции во државата, од Владата па надолу, максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата.

 

Коментари

коментар(и)