Задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници и препорака за вакцина за вработените во јавниот сектор и локална самоуправа за да може да одат на работа, стои во предлозите од Комисијата за заразни болести до Владата, најави министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче кажа дека препораката за вработените во државните институции се однесува на примена најмалку една вакцина, или негативен ПЦРт тест, еднаш неделно на сопствен трошок, или потврда за прележан ковид , или потврда од лекар специјалист дека не се препорачува вакцината, поради имунозагрозувачки болести.
Овие мерки би важеле по 10 дена откако ќе ги усвои Владата, а ќе се остават дополнителни 30 дена за тој процент од 20-30 отсто од невакцинираните здравствени работници да се вакцинираат.
Околу тоа кој ќе ја врши контролата на сертификатите, Филипче кажа дека за тоа ќе се разговара на седница на Главниот кризен штаб.
Според бројот на аплицирани вакцини, 39% од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38% од популацијата во државата примила две дози вакцина.
И Стопанската комора исто така бара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор. Само така, смета, ќе се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот, но и ќе се овозможи континуитет на деловните процеси. Ова барање во вид на Иницијатива е веќе доставено до Владата.
-Мора заеднички да работиме на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот. Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат, велат од Комората.