Претседателот на Основен суд Куманово Снежана Манев преку соопштение до јавноста ги отфрла обвинувањата од Синдикатот на УПОЗ и вработените изнесени на денешната прес-конференција.
„Јас сум судија 21 година и 9 години претседател на Основен суд Куманово. Никогаш досега немав проблеми со вработените, ниту со синдикалната организација. Сакам да потенцирам дека наводите за вршење притисок од моја страна, кон вработените се неточни, невистинити, паушални и апстрактни, бидејќи, пред се, во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен наводен притисок. Меѓутоа, поради константно намалување на вработени, одење во пензија, заминување во странство и друго, бројот на вработените во судската администрација е драстично намален, што само по себе, бара реорганизација на постоечкиот кадар и нормално поголемо ангажирање на вработените. Вработените во судот ги имаат сите права од Законот за судска служба и согласно Закон за работни односи, меѓутоа успешното функционирање на судот во полза на граѓаните е над личните интереси на сите вработени во судот. Јас раководам со судот во целина и имам обврска, истиот да функционира пред се, за добро и корист на граѓаните. Сите вработени во судот, мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани за извршување на своите работни задачи. Јас како судија и претседател на судот, не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси, точка“, пишува во соопштението од Снежана Манев, претседател на Основен суд Куманово.