(ВИДЕО) Младеновска: За да биде европско, Куманово мора да биде инклузивно

-Правата на лицата со попреченост не се луксуз, ниту привилегија, туку обврска на секоја локална заедница, на секоја демократска држава. Нашата држава како таква, има потпишано Конвенција за човекови права, а едно лице со попреченост е пред се човек. Како и сите граѓани, така и лицата со попреченост се граѓани на локалната заедница и треба да ги имаат истите права, обврски и можности (како секој граѓанин што оди во било која институција се качува по скали кои некој за нив ги направил, така истата таа институција треба да има лифт, рампа и обезбеден пристап за лица кои имаат телесна попреченост затоа што и тие лица ја имаат истата потреба да пристапат до институцијата и да завршат некоја обврска, за лицата со визуелна попреченост треба да има звучна сигнализација и патеки, за лицата кои имаат оштетен слух или воопшто го немаат да има пристап до информации). За првпат во историјата на листата за советници се наоѓа лице со попреченост и воедно лице од невладин сектор. Голема благодарност до градоначалникот Максим Димитриевски за поддршката и можноста да се обидете заедно да ги отстраниме бариерите. Јас сум Бојана Младеновска, по професија сум логопед, сертифициран обучувач на Државната изборна комисија и десет години наназад активист и член на Управниот одбор на Инклузива (Здружение за промоција и развој на инклузивно општество), сведок на многу приказни, поинакви судбини и сопственик на една таква. Ова го споделувам не за да се пофалам, туку да ги охрабрам лицата со попреченост да не се повлекуваат, да не дозволат попреченоста да ги фрла во сенка. Едно лице со попреченост има попреченост во одреден сегмент, но тоа никако не значи дека нема квалитети, дека е нестручно и неспособно. Напротив, имате лица со попреченост многу поспособни од тие што седат во фотелјите, секоја чест на исклучоци.

Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ ќе се бори за европско Куманово, а за да биде европско мора да биде инклузивно.

На 17-ти октомври ја бараме вашата поддршка, заокружете 80 за Максим Димитриевски и 61 за Ивана Ѓорѓиевска за овој концепт за наше Куманово,
европско и инклузивно, а јас ветувам дека фокусот на моето залагање ќе биде насочен кон правата на лицата со попреченост и подобрување на квалитетот на живот. Инклузија нема без соработка со засегнатите страни, тие најдобро можат да ви доловат со какви предизвици се соочуваат, кои се приоритетите и да понудат соодветно решение. Затоа ќе ви порачам нешто кратко, но моќно: Ништо за нас, без нас!“ рече на прес-конференција, Бојана Младеновска, кандидат за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“

Коментари

коментар(и)