Владата го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и за 10 проценти на трговија на големо на основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но истата да се дополни со средства за хигиена како што се детергентите, како и со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните. Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи, изјави вчера портпаролката на Владата, Марија Митева.
Препорака до маркетите е да ги објавуваат цените на нивните производи и на дневна основа редовно да ги ажурираат.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најавува дека најдоцна до утре ќе биде доставена Предлог-одлуката за ограничување на маржите.
– Ќе има околу 100 групи на производи. Ќе се додадат и непрехранбени производи затоа што анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека има вакви производи каде е зголемена маржата. Одлуката ќе важи до 30 април и ќе бидат опфатени и двата големи празника – Велигден и Рамазан, изјави вчера Дурмиши.