Во текот на првата половина од годинава, според Информацијата за превземени мерки и активности од страна на Полициската станица од општа надлежнист Куманово, криминалитетот и бројот на сообраќајните незгоди во Куманово бележат намалување, а зголемен е бројот на прекршоците против јавниот ред и мир.
Советникот Миле Андоновски на денешната седница информираше дека надлежната комисија заседавала, ја прифатила Информацијата и му предлага на Советот да ја разгледа и усвои со една забелешка – во иднина да се подобри регулирањето на сообраќајот во градот.
Со свои забелешки и советникот од опозицијата , Сашо Стошевски кој потенцираше дека граѓаните имаат поплаки до нив како советници дека селективно се дејствува во однос на патниот сообраќај односно пајак службата не постапува во одделни делови од градот, а особено на пофреквентните улици, како пример ја посочи улицата „Доне Божинов“, делот кај Средорек.
-Забелешка имам во делот на прераспоредување на вработени полициски службеници и по 50 км од местото на живеење особено оние кои што ја критикуваат сегашната власт, а тоа е класичен мобинг врз вработените во полицијата, рече Сашо Стошевски, советник
-Во еден дел од дикусијата не се согласувам со Вас, околу наводниот проблем за прераспоредување на полициски службеници на повеќе од 50 км од местото на живеење заради критикување на актуелна политичка гарнитура. Се знае дека на вработените не им е дозволено политички да дејствуваат, рече Миле Андоновски, советник
Советникот Стошевски иако генерално ја пофали Информацијата, сепак со предлог до Полициската станица од општа надлежност да превземе пообемни и поорганизирани активности за спречување на ширењето на вирусот ковид 19. Тој потенцираше дека полицијата треба да превземе мерки за воведување ред пред банките и да превземе нешто во врска со групирањето на младите пред гимназијата „Гоце Делчев“ секоја вечер по 21 часот, откако ќе се затворат угостителските објекти.
По расправата, со 17 гласови „за“ беше усвоена Информацијата за превземени мерки и активности од страна на Полициската станица од општа надлежност Куманово во текот на првото полугодие од 2020-та година.