Неџат Акифи нов координатор на ЗНМ Куманово

Долгогодишниот новинар, Неџат Акифи кој е дел од јавниот сервис и локалната ТВ Феста, е избран за координатор на Здружението на Новинари на Македонија за Североисточниот регион. Тој доби едногласна поддршка од колегите-членови на здружението од Куманово, кои присуствуваа на регионалната средба на ЗНМ и ССНМ. Акифи и досега имаше коректен и високо професионален однос со ЗНМ во интерес на заемната соработка и процесот на унапредување на условите, работничките права и безбедноста на новинарите и медиумските работници од Куманово.

Истакна дека ваквите средби на медиумските работници се доста корисни и потребни како би можеле навремено да се споделат предизвиците и проблемите со кои секојдевно се соочуват новинарите и медиумските работници. Преку зачестените средби ЗНМ ќе има поголема координираност и солидарност во решавањето на проблемите како на локално така и на национално ниво, рече Акифи.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски нагласи дека „ЗНМ во екот на пандемијата изминатата година помагаше во интерес на безбедноста и здравјето на новинарите и медиумските работници со обезбедување на заштитна опрема, антиген тестови, вакцинација.

ЗНМ и ССНМ учествуваа и беа конструктивен партнер во носењето на владините мерки во интерес на новинарите и медиумските работници, како и процесот на зголемување на платите во МРТ и МИА, фонд за медиуми како и изготвувањето на протоколи за безбедност” истакна Чадиковски.

Коментари

коментар(и)