Со свечена церемонија во касарната „Боро Менков“ во Куманово денеска беше одбележан 17 Октомври – Денот на Командата за операции.
Според објавата на Армијата, на воената свеченост во Куманово, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, генерали во Армијата, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, присуствувале и поранешни команданти на единицата, претставници од воено-дипломатскиот кор, како и претставници од локалната самоуправа и организации со кои командата остварува успешна соработка.
Овој датум Командата за операции традиционално го прославува во чест на историскиот 17 октомври 1878 година, кога во селото Кресна беше формиран штабот на Кресненското востание, настан кој се смета за еден од столбовите на македонските воени традиции.
-Зголемување на платите во Армијата и Министерството за одбрана од 1 јануари, нов колективен договор и решение со кое ќе се реши статусот на професионалните војници по навршувањето на 45 години, нова опрема, модернизација, исплатени обврски – најави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски, обраќајќи се на свеченоста на Командата за операции во кумановската касарна „Боро Менков“, објави МИА.
Фото: ФБ