13 ликовни уметници од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Македонија се дел од 18-тата Меѓународна ликовна колонија „Карпино 2020“, што беше отворена вчеравечер во центарот за култура. Уметниците за оваа изложба изработиле по едно дело во комбинирана техника на хартија, а изложбата е во рамките на програмата за одбележување на 11-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Куманово.
-Ние наполнивме 18 години и требаше да славиме роденден, но за жал , вака го прославуваме во скромни услови роденденот и се надеваме дека веќе догодина ќе се создадат услови за уметниците да можат да творат во нормални услови и да може да имаме малку понормална изложба. Знаете дека изложбата на Мултимедијален центар „Карпино“ секогаш имаше од 150 до 200 учесници, поминуваше во најмалку пет-шест други градови сликите да ги види пошироката публика од Македонија, рече Зоран Павловски, претседател на Мултимедијален центар „Карпино“
Изложбата ја отвори секретарот на општината, Александар Гелевски.
Претседателот на Мултимедијалниот центар, Павловски се надева дека во договор со центарот за култура годинашнава изложба ќе биде изложена барем во градовите како што се Скопје, Кочани , чии што уметници годинава со свои дела ја збогатија изложбата „Карпино 2020“ .