Отворен ден во „Киро Бурназ“ и „Перо Наков“

Во рамки на проектот „Учи паметно, работи стручно“ на Министерството за образование и наука,  се одржа отворен ден, промоција на стручното образование во кумановските средни училишта „Киро Бурназ“ и „Перо Наков“. Во дворовите на овие две училишта беа поставени пунктови на кои учениците кои завршуваат основно образование, можеа да се запознаат со стручните профили, а воедно беа изложени и продукти на различни компании, кај кои во иднина ќе може да се посетува обука.

Во земјоделското училиште „Киро Бурназ“ е планирано да се запишат 397 ученици во 13 паралелки од кои 10 на македонски наставен јазик и три на албански наставен јазик. Тие ќе можат да се одлучат за четири струки, односно земјоделско-ветеринарна, машинска, хемиско-технолошка и лични услуги.  Во рамките на овие струки има 12 профили.

Она што е новина за прв пат оваа година во нашето училиште е што ќе отпочнеме со дуално образование и тоа дуално образование во сите од наведените струки. Во нашето училиште оваа учебна година ќе имаме можност да запишеме пет паралелки дуално образование. Новина уште во нашето училиште е што оваа година ќе воведеме нов профил, а тоа е профилот каросериски механичар од машинска струка. И досега нашите ученици настава изведуваа еден дел во училиште, еден дел во компаниите, но со воведување на дуално образование се надеваме дека многу повеќе ќе постигнеме и ќе дадеме поголем акцент на практичната настава затоа што се зголемува бројот на часови по практична настава и престојот на учениците во компаниите-истакна директорката Весна Трајковска.

Од ова училиште се надеваат дека голем број ученици ќе одлучат кај нив да продолжат образованието, бидејќи располагаат и со соодветна опрема, капацитет, ресурси, стручен наставен кадар.

Во средното училиште „Перо Наков“ во следната учебна година е предвидено  да се запишат пак 508 ученици и тоа во 16 паралелки, од кои 9 паралелки во настава на македонски јазик и 7 паралелки во настава на албански јазик. Ова училиште нуди три струки и дисперзирана паралалка на спортска академија отсек кошарка.

-Првата струка е економија, право и трговија, каде што нудиме профили, економски техничар и бизнис администратор. Новитет од оваа година е што во профилот нудиме економски техничар и дуална паралелка, каде што учениците ќе имаат можност практичната настава  да ја реализираат во компаниите од градот. Во секторот текстил, кожа и слични производи ги нудиме профилите техничар за изработка на облека, техничар за дизајн на облека, моделирање и техничар за изработка на обувки и техничар за моделирање на обувки, со тоа што како комбинирана паралелка од овој сектор нудиме техничар за изработка на облека и техничар за обувки  дуална паралалка, каде што учениците ќе можат практичната настава да ја изведуваат во нашите компании во градот. Од уметничкото образование како трета струка го нудиме профилот графички дизајнер –посочи директорката Мила Жибак.

На отворениот ден присуствуваше и градоначалникот на Куманово, кој ја поздрави иницијативата, да се врати стручната едукација во текот на средното образование.

Со промоција на овој проект ние ќе добиеме можност нашите деца да ги оспособиме да работат стручно во делот на постоечките капацитети на мало, микро, средно стопанство во нашиот град, бидејќи општината има за цел да развива и отвара нови индустриски зони каде во самите индустриски зони потенцијалните инвеститори би имале потреба од ваков стручен и образовен кадар. Особено е битно да се нагласи дека она што беше во минатото средното стручно училиште Киро Бурназ од Куманово денеска е државно училиште и целта е да се трансформира во еден регионален центар за стручна обука на учениците, а воедно покрај ова училиште имаме уште две општински училишта кои ќе образуваат стручни кадри-дополни градоначалникот Максим Димитриевски.

Учениците коишто ќе се запишат на ваков тип дуална настава ќе добиваат стипендија девет месеци по 3.500 денари.

 

Коментари

коментар(и)