НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово денеска го одбележува патрониот празник во чест на еден од најзначајните македонски композитори и диригенти, чие име и дело се длабоко вградени во темелите на македонската музичка и културна историја.
Трајко Прокопиев (6 ноември 1909 – 21 јануари 1979) е роден во Куманово. Тој е еден од основоположниците на современиот македонски музички живот, композитор, диригент, музички педагог и културен деец кој со своето творештво остави неизбришлива трага во националната уметничка ризница. Своето музичко образование го стекнал во Белград, а го усовршувал на Прашкиот конзерваториум. По ослободувањето, активно се вклучил во изградбата и развојот на македонските музички институции. Бил прв директор на Средното музичко училиште во Скопје, диригент на Радио Скопје, Македонската опера и Филхармонијата, а во периодот од 1958 до 1964 година ја раководел Националната установа „Танец“.
Неговиот богат творечки опус опфаќа хорски, камерни, оркестарски и музичко-сценски дела. Особено место зазема циклусот „Кумановки“, инспириран од музичкото и фолклорно наследство на родниот крај, како и балетот „Лабин и Дојрана“ и оперите „Разделба“ и „Кузман Капидан“. За својот исклучителен придонес во музичката уметност е добитник на бројни признанија, меѓу кои и наградата АВНОЈ во 1977 година.
„Денес, со гордост и почит го носиме неговото име, свесни за одговорноста да го продолжиме патот на културното творештво, да ги негуваме уметничките вредности, да ја чуваме традицијата и да создаваме простор за нови генерации творци и уметници. Патронатот не е само ден на сеќавање, туку и потсетник на нашата мисија – културата да живее, да се развива и да ги поврзува луѓето. Со почит кон делото на Трајко Прокопиев и со визија за иднината на културата – нека ни е честит патронатот!“, пишува во објавата НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.