Четири физички лица и три правни субјекта од Куманово се добитници на највисокото општинско признание – Ноемвриска награда, кое се доделува по повод Денот на ослободувањето на градот – 11 Ноември. Ноемвриската награда претставува признание за посветеноста, трудот, професионалноста и значајниот придонес во развојот и афирмацијата на Општината.
Одлуката бил донесена на вчерашната седница на Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и призанија при Советот на Општина Куманово.
„Поединците ќе добијат диплома и парична награда, а правните лица ќе добијат само диплома. Буџетот за паричната награда е 100.000 денари кои ќе бидат поделени на четворицата добитници поединци“, кажа на денешната прес-конференција претседателот на Комисијата Самет Салиевски.
Ноемвриска награда на Општина Куманово за 2026 година, во вид на диплома и паричен износ им се доделува на следниве поединци:
- Шенаси Јусуфи, лекар спец. по педијатрија и неонатологија, основач и сопственик на ПЗУ „Алфа Медикус“ – Куманово, за неговата долгогодишна работа и особен ангажман во здравството на примарно, секундарно и терцијарно ниво, за што сведочат и добиените благодарници, признанија и дипломи од професионални лекарски здруженија и институции од државата, а автор е и на повеќе стручни научни трудови од областа на педијатријата и неонатологијата, како и на овогодишната монографија која го документира неговиот повеќедецениски професионален, научен, институционален и хуманитарен ангажман.
- Бошко Тасиќ, спортски новинар, со долгогодишно професионално искуство, за неговиот придонес во развојот, афирмацијата и медиумската промоција на спортот во Куманово и пошироко.
- Марина Цветановска – Мартиновска, ликовен уметник и педагог, за нејзиниот долгогодишен творечки и професионален придонес во развојот и афирмацијата на ликовната уметност, која преку своето творештво, изложби и учество на меѓународни манифестации на кои има добиено бројни награди и признанија, е промотор на нашиот град на светската ликовна сцена.
- Стојанка Стојковиќ, претприемач, во пензија, која со својата професионалност, претприемачки дух, упорност и визија претставува позитивен пример за успешно претприемништво и одговорно деловно работење, за нејзиниот долгогодишен ангажман и континуираните заложби за развој на компанијата „Екстра Меин“ – Куманово со што придонесе за јакнење на локалната економија и поттикнување на претприемачката иницијатива во општина Куманово.
Ноемвриска награда на Општина Куманово за 2026 година, во вид на диплома се доделува на следните правни лица:
- Културно-уметничко друштво „Панче Пешев“ – Куманово, кое оваа година одбележува голем значаен јубилеј – 100 години постоење, работа и придонес во културниот живот во градот, за илјадниците одржани концерти со учество на многубројни фестивали во државата и надвор од неа и презентација на фолклорот и македонските народни игри и песни како музички и културни вредности на македонската култура и традиција.
- Друштво за градежништво и услуги „Урбанинг“ ДОО Куманово, за донација на проектна документација за изградба на новиот современ објект на СОУ „Сами Фрашери“ – Куманово, со што придинесе за обезбедување на поквалитетни услови за воспитно-образовнa работа и подобар развој на идните генерации на ученици.
- Спортски кик бокс клуб „Предатор“ – Куманово, за афирмацијата на градот и државата при учеството на државни, европски и светски првенства во спортот кик бокс, на коишто кик боксерите од овој клуб имаат освоено највисоки медали.
Комисијата за доделување на Ноемвриска награда на Собранието на општината Куманово, за прв пат во 1967 година има доделено вакви големи признанија на поединци и групи автори на Денот на ослободувањето на Куманово – 11 Ноември.