Продолжува проектот за заштита на старите јадра

Продолжува проектот на Општина Куманово „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“.

Раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска за потребите на проектот оствари студиска посета на општината Боае-ле-Лох во средишниот дел од Франција каде се сретна со надлежните од општината задолжени за заштита на културното наследство и урбанистичкото планирање.

-При посетата беа споделени идеи и искуства во областа на заштитата на културното наследство и сигналитика, односно одбележување на објектите кои претставуваат културно наследство, како и во областа на урбанистичкото планирање, односно креирање на одржливо урбано планирање преку кои објектите од културно наследство ќе придонесат за дополнителна вредност како на самиот план така и на развојот на туризмот во градот, изјави Сларидис Јаневска.

Со овој проект, стручни екипи ќе работат на инвентаризација на градбите со културно наследство за градот и ќе овозможи користење нови алатки за видливост на објектите. Во Куманово избран е објектот поранешен хотел Куманово со низата станбено-деловни објекти долж улицата „11 Октомври“.

Втора работна група ќе работи на сигналитика, што подразбира поврзување на пешачки коридор и означување на објектите од културно наследство преку нивно обележување, кодови за подетален опис на секој културен споменик. Патеката е од џамијата, следува хотел Куманово со низата објекти која е опфатена во инвентаризацијата, касапски круг, занаетчиски дом и завршува со хотел Солун. Проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите јадра“ е поддржан од Министерството за надворешни работи на Франција, а вклучени се градови од државата, Франција и од Албанија.

 

 

Коментари

коментар(и)