Министерот за локална самоуправа Златко Перински, градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и директорот на Центарот за развој на североисточниот регион Младен Протиќ денеска го посетија средното училиште „Перо Наков“ во рамките на проектот „Урбано зеленило за здраво дишење”, од Програмата Interreg (VI-A) ИПА Бугарија – Северна Македонија по приоритет 1 „Позелен пограничен регион”.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура. Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансираат од Министерството за локална самоуправа.
Во Ќустендил, во рамките на проектот ќе се интервенира на излетничко место околу езерото и во парк.
Претходно министерот Перински оствари работна средба со градоначалникот Димитриевски и членовите на Советот, а посетата на Општина Куманово е во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“.